За нас
Центарот за истражување, развој и континуирано образование е друштво со ограничена одговорност основано од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за потребите на Машински факултет – Скопје за вршење на:
-
апликативна дејност
-
високостручни и научни истражувања
-
техничка анализа и инспекција во рамките на законски регулираните дејности
-
обуки за доживотно учење
-
други дејности во сферата на апликативната дејност
ЦИРКО има агилна структура способна да ги фокусира своите ресурси за тековните активности во согласност со моменталните приоритети. Поддршката од Машинскиот факултет - Скопје го прави ЦИРКО постојано сигурен партнер на секој проект. Посветеноста на сите истражувачи кон меѓународната соработка го движи центарот кон обезбедување на најдобри резултати во своите меѓународни активности.
Искуството на партнерите на ЦИРКО стекнато низ претходните проекти сведочи дека Центарот отсекогаш бил признат како партнер кој навремено и одговорно ги реализира своите активности, со резултати кои секогаш се оценети со високи оценки за нивната валидност и висок научен квалитет.
Мисија и Визија
Трансфер на нови техники и технологии заради зголемување на конкурентноста на економијата во регионот и пошироко.
Континуирано образование на кадрите со цел подигање на нивото на знаење и севкупниот интелектуален потенцијал.
Цели
Реализација на проекти за трансфер на технологија во мали и средни претпријатија.
Реализација на соработка со правни субјекти од стопанството.
Реализација на курсеви и обуки.
Историјат
Центарот за истражувања, развој и континуирано образование е основан од Машинскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Скопје како самостојна организација од 2002 година. Центарот за истражувања, развој и континуирано образование, во ноември 2012 година, го менува својот правен статус и преминува во Центар за истражување, развој и континуирано образование ЦИРКО ДООЕЛ Скопје, каде нов правен сопственик и основач е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Скопје.
Првите проекти на ЦИРКО беа реализирани во соработка со ГТЗ – Проект за трансфер на технологија и мали и средни претпријатија од Македонија во периодот од 2003 до 2005 година:
-
Технолошко решение за подобрување на процесот за производство на лесна картонска амбалажа.
-
Систем за мониторинг и управување со технолошки процеси во прехранбена и цементна индустрија.
-
Развој на сосема нова еко-технологија за производство на филтри за гориво, воздух и масло за камиони и тешки возила.
-
Вовед во техниките за компјутерско дизајнирање на челични конструкции за инженерите во малите и средни претпријатија.
-
Дијагностички мониторинг систем за ротациони постројки.
-
Подобрување на технологија и вовед на мерки за процена на квалитетот во процесот на пресување и термичка обработка на фрикциони облошки.
-
Развој на технологија за производство на полиетиленски цевки со примеси на рециклиран материјал.
Во 2009 година е добиен првиот Сертификат за акредитација на Инспекциско тело во рамките на ЦИРКО, а тоа е Инспекциското тело за лифтови, дигалки и транспортери (ИТ021).
Од 8 октомври 2010 година ЦИРКО дооел Скопје е регистриран како Центар за трансфер на технологии, односно регистриран е како Субјект на технолошки развој заведен во Регистарот на субјекти за технолошки развој при Министерството за образование и наука (одлука на МОН бр. 13-4165/1).
Во 2010 година во рамките на активностите на ЦИРКО се акредитира и Инспекциско тело за опрема под притисок, метални конструкции, жичари и ски-лифтови (ИТ027).
Матична институција
Машинскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Скопје во 2002 година го основа Центарот за истражувања, развој и континуирано образование како самостојна организација.
Развојот на студиите по машинство во Македонија ја наложи потребата од формирање на Машински факултет и од 1959-та година тој постои до денес. Во овие пет и пол декади, Машинскиот факултет развива свои карактеристики кои во најголем дел се поклопуваат со визиите на неговите основачи, а го рефлектираат стекнатото искуство при развојот.
Денес, Машинскиот факултет во Скопје нуди образование кое одговара на последните трендови на Европската Област за Високо Образование, како ЕКТС и постулатите на Болоњската декларација. Студиските програми се согласно потребите за производство на кадар кој ќе одговори на барањата за развој на индустриските гранки во Република Македонија, кадар кој ќе одговара на потребите на светски познатите компании.
На Факултетот има шест Институти и еден Оддел и тоа: Институт за производно машинство со 5 лаборатории; Институт за машински конструкции, механизациони машини и возила со 3 лаборатории; Институт за термотехника и термоенергетика со 5 лаборатории; Институт за хидротехника, пневматика и автоматика со 2 лаборатории; Институт за заварување и заварени конструкции со 4 лаборатории; Институт за механика со една лабораторија и Оддел за математика и информатика.
Покрај наставно-образовната дејност, Машинскиот факултет е носител на научноистражувачката дејност од областа на машинската струка. Со својот кадровски потенцијал претставува центар за развој на науката, научната мисла и примената на науката во стопанството. Научноистражувачката дејност на Факултетот се остварува преку учество во реализацијата на научноистражувачки проекти и преку изработка на магистерски тези и докторски дисертации. Резултат на интензивната научноистражувачка дејност на Факултетот е и учеството на наставниците и соработниците со реферати на голем број мегународни конференции, симпозиуми и семинари во земјата и во странство, објавувањето научни и стручни трудови и статии во домашни и странски списанија, зборници и книги.
Во последниве години, на Факултетот се реализирани 47 научноистражувачки проекти меѓу кои се вбројуваат: Центар за Истражување, Развој и Континуирано Образование - ЦИРКО, проект за подобрување на конкурентност на мали и средни претпријатија од машинската индустрија во соработка со УСАИД, Тренинг центар на Џонсон Контролс, УНИДО - проект имплементиран од страна на Обединети Нации - Македонски национален центар за почисто производство, Македонски центар за енергетска ефикасност - МАЦЕФ, Центар за климатски промени, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Центар за развој на нови бизниси (УКИМ-БСЦ), како и ТЕМПУС проекти за: Развој на постдипломски студии за индустриски дизајн и маркетинг, Креирање на лабораторија за веб базирани техники за е-учење, Нумерички симулации во машинското инженерство, Креирање на истражувачки капацитети и инструменти за подобрување на соработката високо образование и Компетенции кои се совпаѓаат во високото образование и економијата: Од каталог на компетенции до развој на стратегија и курикулум.
Повеќе информации за матичната институција на ЦИРКО може да се најде на www.mf.edu.mk